Ова лето, многу италијански плажи забележуваат пад на посетеноста, бидејќи граѓаните протестираат против високите цени на приватните лежалки, чадори и услуги. Намалувањето на посетеноста се движи од 15 до 25 проценти во јуни и јули во споредба со 2024 година, особено во работните денови, пишува „Гардијан“.
Фабрицио Ликордари од Здружението Асобалнеари Италија го поврзува падот со високите трошоци за живот и ограничената куповна моќ на семејствата. Според потрошувачките организации, цените на лежалки и чадори се зголемени за околу 17 проценти во последните четири години, достигнувајќи до 90 евра дневно во популарни одморалишта како Галиполи.
Дебата за цените ја разгоре и актерот Алесандро Гасман, кој на Инстаграм објави фотографија од празни лежалки, повикувајќи на намалување на цените за да се зголеми посетеноста.
Претставници на федерацијата на италијански одморалишта на плажа (ФИБА) тврдат дека цените се зголемиле минимално и дека граѓаните добиваат дополнителни услуги, како обезбедување и спасувачи. Потрошувачките здруженија, пак, сметаат дека одењето на плажа станува „товар“ за семејните буџети.
Додека плажите губат гости, планинските области, особено Доломитите, бележат зголемен интерес, а Италијанците сè повеќе ги избираат планините како алтернатива на прескапите и топли летни плажи.