Со премиера на автентична локација под отворено небо, вечерва на Ротинското езеро ќе се одигра претставата „Рибарски караници“ во изведба на Народниот театар Битола, што претставува 13-та премиера за театарската сезона 2024/2025. Овој класичен текст на Карло Голдони се поставува по трет пат во историјата на Битолскиот театар, по првото изведување во 1957 и повторното во 1992 година.
„Наш предизвик е да ги надминеме тогашните бројки и во ова време и состав да ја направиме една од најгледаните претстави во сезоната“, изјави директорот на театарот, Васко Мавровски, додавајќи дека природниот амбиент на националниот парк Пелистер и Ротинското езеро донел нова инспирација за поставување на ова дело.
Претставата е во режија на Јован Ристовски, а во актерската екипа настапуваат Никола Стефанов, Јулијана Мирчевска, Никола Пројчевски, Соња Ошавкова, Петар Горко, Марија Цветановска, Леонида Гулевска и други. Според режисерот, претставата иако жанровски е комедија, содржи и сатирични елементи и општествени коментари, прикажувајќи човечност, емпатија, но и негативни карактерни особини на ликовите.
„Ова не е само комедија за смеа – туку приказна за тоа што значи разбирање меѓу луѓето“, истакна Ристовски. Драматург на проектот е Билјана Крајчевска, а тимот вклучува и Валентин Светозарев (сценографија), Андреј Ѓоргиевски (костими), Александар Димовски (музика), како и техничка и продукциска поддршка од Игор Мицевски, Оливер Петровски, Гордана Михајловска и Димитар Михајловски.
„Ова ми е најголемиот продукциски предизвик досега, но верувам и најдобриот проект што сум го направил“, изјави Михајловски, кој е продуцент на претставата.
Битолскиот театар, со поддршка од Општина Битола, го реконструираше пристапниот пат до Ротинското езеро, кое од вечерва станува и културна локација. Со тоа, НТБ го продолжува трендот на отворени претстави по примерот на Хераклеја, Стоби и Охридско лето.
Следната изведба на „Рибарски караници“ е закажана за 26 јули (сабота) во 20 часот, а на 22 септември претставата ќе се игра и на матичната сцена на Битолскиот театар. Од почетокот на годината до јуни, НТБ бележи 17.000 гледачи – бројка која „Рибарски караници“ има потенцијал значително да ја зголеми.