„Да затрусаме“ – играта како жив фрагмент на народната меморија
Во кореографијата на секојдневието, постојат мигови кога времето не се мери по часовник, туку по отчукувањата на тапанот. Една таква вечер се случи синоќа на платото пред Офицерскиот дом во Битола, каде КУД „Илинден“ го претстави својот концерт под симболичниот наслов „Да затрусаме“ – покана не само за игра, туку за будење на колективната меморија преку телото, звукот и орото. Посветен на 70 годишнината од формирањето на ова културно уметничко друштво.

Настапот беше повеќе од сценски перформанс. Преку автентични изворни ора и песни од Славиште, Пијанец, Овче Поле и Малешево, играорците ја мапираа културната географија на Источна Македонија, прикажувајќи ги не само ритмите и носиите, туку и духот, симболиката и длабоката рурална поетика што ја носи секој потег.

Игрите беа содржина. Секој чекор имаше гравитација на предци, секоја фигура во орото беше дијалог со непишаната историја. Оркестарот беше мост меѓу гласот и земјата.

КУД „Илинден“ уште еднаш докажа дека фолклорот не е музејска реликвија, туку жив, треперлив организам што се пренесува преку движење, звук и заедништво.

Настанот заврши со громогласен аплауз, но вистинското ехо останува врежано во памтењето – како чекор што не стивнува.

Фотограф | Диоген Хаџи Коста Милевски