Германската економија забележа пад од 0,3% во вториот квартал, повеќе од првично проценетите 0,1%, соопшти националната статистичка служба. Инвестициите се намалија за 1,4%, додека приватната потрошувачка обезбеди помала поддршка од очекуваното. Најголемо влијание врз падот имаше послабото индустриско производство, кое следува по претходното зголемување на извозот кон САД за избегнување на царини.
Економистите предупредуваат дека Германија се соочува со двегодишна рецесија, засилена од глобална економска неизвесност, стареење на работната сила и висок даночен и бирократски товар. Бундесбанк истакна дека стагнацијата може да продолжи и во третиот квартал, додека Владата најавува спроведување структурни реформи, вклучително поголема флексибилност на работното време, намалување на бирократијата и пониски цени на енергијата.
Сепак, постои оптимизам за иднината благодарение на владините инвестиции во одбрана и инфраструктура, како и на трговскиот договор меѓу ЕУ и САД, што го намалува чувството на економска неизвесност. Композитниот индекс на набавки на S&P Global покажува зголемена активност во приватниот сектор во август, што може да претставува сигнал за постепено закрепнување во следната година.
Извор: Блумберг Адрија