Германски аналитичар: Распадот на НАТО го отвора патот за руска хегемонија во Европа
Германскиот аналитичар Ралф Фукс, основач на берлинскиот think tank Zentrum Liberale Moderne, предупреди дека европските земји мораат јасно да го дефинираат посакуваниот исход од војната меѓу Русија и Украина и да не се надеваат само на САД.
Тој нагласи дека клучна е заштитата на суверенитетот на Украина и дека вратите на НАТО за Киев мора да останат отворени, а територијални освојувања на Русија не смеат да се признаат. Според него, одржлив прекин на огнот е возможен само ако Русија биде воено принудена на одбрана.
Фукс смета дека Европа, заедно со Украина, има поголеми ресурси од Русија и може да го мобилизира својот индустриски и воен потенцијал, но краткорочно сè уште е потребна американска поддршка, особено за оружје што европските земји не можат сами да го произведат.
Тој предупреди дека распадот на НАТО ќе ја отвори вратата за руска хегемонија во Европа и дека Путиновиот режим претставува најголема закана за европскиот мир и демократијата. Фукс критички го оцени и претходниот европски пристап кон Москва, оценувајќи дека економското ангажирање и стратегијата на деескалација довеле до обратен ефект – ескалација.