
Премиерот Христијан Мицкоски денеска потврди дека од мартовската пензија, која ќе се исплати на почетокот на април, сите пензионери ќе добијат линеарно зголемување на пензиите.
Во изјава во Кавадарци, Мицкоски посочи дека статистичките податоци за сиромаштија и Џиниевиот коефициент ја оправдуваат оваа мерка. „Во април, со мартовската пензија, ќе има линеарно зголемување на пензиите, продолжуваме со таа политика. Целта е да се намали стапката на сиромаштија кај пензионерите и да се подобри еднаквоста во распределбата на доходите. Морам да признаам дека во таа насока добро се движиме“, рече Мицкоски.



























