
Словачкиот министер за одбрана Роберт Калинак изјави дека Украина никогаш нема да стане членка на НАТО, остро критикувајќи ги земјите што ѝ даваат поддршка на, како што ја нарече, таканаречената „коалиција на подготвените“. Изјавата ја даде за словачката новинска агенција TASR.
Калинак смета дека Европската Унија не треба да се занимава со прашања поврзани со колективната безбедност, нагласувајќи дека таа улога треба да остане исклучиво во рамките на НАТО. Според него, постоењето на два паралелни командни системи не може да обезбеди ефикасна одбрана.
Тој предупреди и дека формирањето заедничка европска армија би претставувало сериозен чекор кон федерализација на Европа. „Или сме дел од НАТО и тогаш не ни е потребна таква армија, или сме во Европа“, изјави Калинак.
Министерот повтори дека Украина, освен што нема перспектива за членство во НАТО, ќе се соочи и со значајни пречки на патот кон приклучување во Европската Унија.



























