УТРО.мк

Паметните броила ставаат крај на паушалите – дигитална револуција во енергетиката

Паметните броила ставаат крај на паушалите – дигитална револуција во енергетиката
Vero

Со новиот Закон за енергетика, кој веќе е на сила, Македонија влегува во нова ера на дигитализација на електроенергетскиот систем. Една од клучните новини што директно ќе го почувствуваат граѓаните е воведувањето на паметни броила – систем кој ќе стави крај на паушалните пресметки за потрошувачка на струја.

Паметните броила ќе овозможат реално и точно мерење на потрошената електрична енергија, а податоците ќе се пренесуваат во реално време. Граѓаните преку мобилна апликација или веб-платформа ќе можат да следат колку трошат, кога трошат најмногу и колку тоа ги чини.

„Ова ќе ја зголеми транспарентноста и ќе овозможи секој потрошувач да има контрола врз сопствената енергетска состојба“, изјави директорот на Електродистрибуција, Сашо Салтировски. Тој објасни дека за целосната функционалност на системот ќе бидат потребни ИТ експерти кои ќе помогнат во имплементирањето на платформите за следење, анализа и управување со потрошувачката.

Министерката за енергетика Сања Божиновска нагласува дека ова е историски закон кој ќе ја дигитализира енергетската инфраструктура, но и ќе ги активира граѓаните како производители на енергија. Секој кој има соларни панели, батерии или електричен автомобил ќе може да разменува енергија со други корисници, а паметните броила ќе го олеснат и автоматизираат тој процес.

Новиот систем ќе ги елиминира старите, неточни или заостанати методи за читање струја. „Повеќе нема да има човечки грешки при читање броила, ниту паушални фактури“, велат од компаниите. Дополнително, потрошувачите ќе добијат известувања за пречекорување на потрошувачка, пад на напон или други аномалии.

Во рамките на 10-годишниот план, секој нов енергетски објект ќе има обврска да инсталира 20% батериски капацитет, а податоците за производство, потрошувачка и складирање ќе бидат целосно дигитализирани. Со ова, Македонија не само што ќе ги зајакне своите капацитети за обновлива енергија, туку и ќе се позиционира како лидер во регионот во модерно, европско управување со енергијата.

ELS
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран