
Цените на нафтата денеска забележаа значителен пад на азиските берзи, достигнувајќи го најниското ниво во последните десетина дена. Падот доаѓа во услови на надежи дека дипломатските напори за време на Генералното собрание на ОН би можеле да придонесат за деескалација на конфликтот меѓу САД и Иран.
На пониските цени влијае и делумното нормализирање на испораките на саудиска нафта, и покрај продолжените напади на јеменските Хути.
Фјучерсите на северноморската нафта „брент“ поевтинија за 2,16 долари, односно 2,08 проценти, достигнувајќи 101,71 долар за барел. Во текот на тргувањето цената се спушти до најниското ниво од 10 септември.
Американската нафта WTI, пак, падна за 2,15 долари или 2,14 проценти, на 98,15 долари за барел, со што повторно се најде под границата од 100 долари.
Сателитските податоци укажуваат и на зголемување на количините саудиска нафта што минуваат низ Ормускиот Теснец. Во последните шест дена просекот изнесувал околу 2,9 милиони барели дневно, наспроти само 700.000 барели дневно во август.
Аналитичарите оценуваат дека дел од таканаречената „ризична премија“ се повлекува од цените поради очекувањата дека во текот на неделава може да се отвори дипломатски пат кон деескалација.

















