
Вработените во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини заедно со министерката Сања Божиновска и државниот секретар Горан Јовановски, имаа можност одблизу да се запознаат со работата на Хидроелектраната „Вруток“, една од најзначајните хидроелектрани и важни производствени капацитети во македонскиот електроенергетски систем.
Без разлика во кој сектор и област работат, важно е вработените во Министерството да имаат непосреден увид во тоа како функционираат енергетските капацитети, како се произведува електричната енергија и со какви предизвици секојдневно се соочуваат луѓето кои се грижат системот да функционира.
За време на посетата, директорот и вработените во ХЕ „Вруток“ ги запознаа своите колеги од Министерството со историјата на хидроцентралата, начинот на работа, производствените капацитети, процесот на производство на електрична енергија, како и со значењето на хидроенергијата за стабилноста и сигурноста на енергетскиот систем.
Знаењето е посилно кога се гледа во пракса. А енергетиката најдобро се разбира – на терен.
Токму затоа, ваквите посети се можност за поврзување на знаењето, институционалната работа и реалното функционирање на енергетскиот систем – со една заедничка цел: посилна, постабилна и посигурна енергетика за државата.

















