
Комисијата за заштита на конкуренцијата дала одобрение за концентрацијата со која косовската компанија „Проекс Интернационал“ има намера да стекне контрола врз „Тинекс маркет“ ДООЕЛ Скопје.
Според решението на Комисијата, на 2 јули годинава било потпишано писмо за намери меѓу „Тинекс-МТ“ како продавач и „Проекс Интернационал“ како купувач. Со документот биле утврдени главните комерцијални услови за преземање на малопродажниот бизнис со супермаркети на „Тинекс“ во Македонија.
Трансакцијата, како што е наведено во решението, го опфаќа малопродажниот бизнис кој функционира под повеќе брендови, меѓу кои „Тинекс“, „СуперТинекс“, „Тинекс Деликатес“, „Конто“ и „Спот“.
По потпишувањето на писмото за намери, на 14 јули 2026 година „Тинекс-МТ“ го регистрирал „Тинекс маркет“ ДООЕЛ Скопје. Новото друштво, според документот, е основано со цел да служи како средство за стекнување и понатамошно работење на бизнисот.
Малопродажниот бизнис, односно неговите релевантни делови, треба да му бидат ставени на располагање на новото друштво согласно договорените услови и конечната документација за трансакцијата.
„Проекс Интернационал“ е компанија со седиште во Приштина, чија основна дејност е трговија на мало во неспецијализирани продавници, со доминантен фокус на храна, пијалаци и тутунски производи.
Компанијата е дел од „Проекс груп“, косовска деловна групација со активности во повеќе сектори, меѓу кои трговија, дистрибуција, малопродажба, логистика и енергетика.
Групацијата, меѓу другото, се занимава со увоз и дистрибуција на стоки за широка потрошувачка, управување со синџири супермаркети, како и со трговија, складирање и дистрибуција на нафтени деривати.

















