УТРО.мк

Трамп го објави договорот за Гренланд: „Ова е остварување на сон за САД“

Трамп го објави договорот за Гренланд: „Ова е остварување на сон за САД“
Vero

Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека САД постигнале договор со Данска и Гренланд со кој Вашингтон добива трајна улога во обезбедувањето на безбедноста на стратешки важниот арктички остров.

Трамп на социјалната мрежа Truth Social наведе дека договорот ќе им овозможи на САД да преземаат мерки што ги сметаат за неопходни за безбедноста и одбраната на Гренланд и на Соединетите Американски Држави. Тој истовремено најави зголемување на американското воено присуство на островот.

Според Трамп, со договорот се предвидува ниту еден противник на САД да не може да воспостави воена база, да распоредува воен персонал или да реализира чувствителни инвестиции во Гренланд без американска согласност.

Американскиот претседател најави дека Вашингтон веднаш ќе започне со планирање на развој на поголемо воено присуство во соодветни делови од островот, при што САД ќе соработуваат со локалното население во изградбата и развојот на инфраструктурата.

Од Данска и Гренланд, сепак, нагласуваат дека договорот не го менува нивниот статус. Данската премиерка Мете Фредериксен порача дека спогодбата го признава суверенитетот и територијалниот интегритет на Кралството Данска, како и правото на гренландскиот народ на самоопределување.

Договорот, според најавите, треба формално да биде потпишан следната недела во Њујорк, на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации. Потоа ќе треба да ги помине потребните парламентарни процедури во Данска и Гренланд пред да стапи во сила.

Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека со договорот Гренланд ќе остане дел од стратешката одбранбена зона на Северна Америка и дека ќе се спречи воспоставување присуство на противници на САД на островот и во неговата околина.

Договорот доаѓа по повеќемесечните инсистирања на Трамп за зголемување на американското влијание врз Гренланд. Иако претходно говореше и за преземање на островот од Данска, актуелниот договор, според досега објавените информации, го задржува Гренланд во рамките на Кралството Данска, додека ја проширува американската безбедносна и воена улога.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран
MegaWin
MegaWin