Министерот за транспорт и заменик-претседател на Владата, Александар Николоски, најави дека Македонија ќе набави најмалку пет нови електрични локомотиви, со цел модернизација на Македонски Железници и подобрување на карго превозот во земјата.
Средствата за набавката, во висина од речиси 21 милион евра, се обезбедени во соработка со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Николоски посочи дека со овие нови локомотиви, плус веќе активните 11 (од кои 4 се понови), целокупниот карго превоз би можел да се опслужи веќе од 2028 година, со оглед на рокот на испорака од околу две години.
Министерот исто така информираше за склучување договор меѓу Македонски Железници-Транспорт и Железници на Австрија, кој ќе овозможи користење на македонските локомотиви за карго линии од Пиреа и Атина до Виена, што ќе донесе значителен финансиски бенефит за МЖ Транспорт.























