Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Москва нема намера да ја нападне Европа и оти е подготвен тоа јавно да го повтори, доколку е потребно.
„Едно е да се каже генерално дека Русија нема намера да ја нападне Европа… Никогаш немавме намера, но ако сакаат да чујат од нас, нека го снимат тоа, без никакви прашања“, рече Путин за новинарите, пренесе РИА Новости.
Тој додаде дека доколку украинските сили не се повлечат од „одредени територии“, Русија „ќе го постигне тоа со воени средства“.
Осврнувајќи се на најавените мерки за конфискација на рускиот имот во странство, Путин оцени дека тоа би претставувало „кражба на туѓ имот“.
Рускиот лидер ги отфрли како „бесмислени“ наводите дека министерот за надворешни работи Сергеј Лавров „паднал во немилост“.
„Тоа е бесмислица; тој не паднал во немилост. Има свој распоред за работа, ме контактираше и ми кажа што ќе прави“, нагласи Путин.
Тој откри дека Кремљ очекува американска делегација во Москва во првата половина на следната недела.
„Последната информација што ја добив вчера е дека претседателот на САД Доналд Трамп одлучил… американската страна предлага состанок во Москва следната недела. Ние секогаш сме отворени, но кој ќе ги претставува САД зависи од одлуката на американскиот претседател“, изјави Путин.
Според него, САД предложиле разговори со Русија за нуклеарните тестови, а Москва е подготвена да води дијалог за сите прашања поврзани со стратешката стабилност.
„Подготвени сме да соработуваме со американската администрација за да ги разгледаме сите прашања поврзани со стратешката стабилност“, додаде тој.
Путин престојува во Бишкек од 25 до 27 ноември, каде што се сретна со киргистанскиот претседател Садир Џапаров, со белорускиот лидер Александар Лукашенко и учествуваше на самитот на Организацијата за договор за колективна безбедност (ОДБК).























