Членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, истакна дека со новиот 400 киловолтен трансформатор во Битола 2 се зајакнува енергетската стабилност на југозападниот дел од државата. Тој нагласи дека по една година напредок, Македонија се движи кон целта да стане нето извозник на електрична енергија.
Манасиевски потенцираше дека по седумгодишен застој и злоупотреби во енергетскиот сектор, владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ започна процес на развој и стабилизација. Тој посочи дека Македонија од „слепо црево“ на енергетската карта се трансформира во клучен транзитен центар за природен гас на Балканот.
Со изградбата на гасниот интерконектор со Грција, рече Манасиевски, се отвора пат за снабдување на Србија и Средна Европа со гас од ТАП гасоводот и ЛНГ терминалот во Александропулис, овозможувајќи транзит на до 3 милијарди кубни метри гас, што значително ја диверзифицира енергетската понуда во регионот.
Тој исто така ја нагласи зголемената концесиска такса за рудниците, што довело до два и пол пати повисоки приходи за државниот буџет во однос на претходната година. Донесениот нов Закон за енергетика, според него, гарантира стабилност и развој на системот по светски стандарди, вклучувајќи и обврска фотоволтаичните централи да вклучат батериски системи за складирање енергија.
Манасиевски најави дека најдоброто допрва доаѓа и дека се поставуваат темелите за нова енергетска реалност, со визија Македонија да стане лидер во регионот.