Македонија и Албанија се најповолни европски дестинации за германските туристи, покажуваат податоците на германскиот Сојузен завод за статистика. Во март годинава, цените на туристичките услуги – престој во хотели и посета на угостителски објекти – биле за 52 отсто пониски отколку во Германија.
На листата на евтини дестинации за Германците следуваат Бугарија (-51%), Црна Гора (-42%), Португалија (-35%), Турција (-31%) и Малта (-30%). Хрватска се најде на последното место меѓу поволните дестинации во регионот, со само 14 отсто пониски цени од германските, што, според аналитичарите, може да се промени со сезонските поскапувања.
Иако многу европски земји се значително поевтини за германските туристи, сепак речиси една третина од нив (29%) планираат да летуваат дома. Најпопуларни странски дестинации се Шпанија (8,1%), Италија (5,9%), Турција (4,5%) и Скандинавија (4,3%). Хрватска се најде на деветтото место со 1,3% од интересот.
Според туристичката анализа, Германците во 2024 година просечно трошеле по 1.544 евра по лице за главниот одмор. Најмногу се трошело на патувања во Шпанија (1.843 евра) и Скандинавија (1.728 евра), додека најниски просечни трошоци имало за одмори во Бенелукс (1.006 евра), Австрија (1.176 евра) и Хрватска (1.314 евра).
Просечните дневни трошоци се намалени на 122 евра, но во Хрватска тие се зголемиле за 16 евра споредено со минатата година, што дополнително ја намалува нејзината атрактивност како евтина дестинација.