Во екот на ескалацијата меѓу Иран и Израел, иранската хакерска група „Homeland Justice“ упати заканувачка порака до Албанија, повикувајќи се на присуството на членовите на иранската опозициска организација МЕК во кампот во Манза.
Преку соопштение објавено на Телеграм, групата директно порача: „Иранците имаат право да го нападнат кампот во Манза со ракети“. Заканата доаѓа само неколку дена по почетокот на отворениот судир меѓу Иран и Израел минатиот петок.
Покрај вербалната закана, групата извршила и сајбер-напад врз веб-страницата на Градската управа на Тирана, што дополнително ја зголеми загриженоста кај албанските власти.
Ова не е првпат „Homeland Justice“ да таргетира државни институции во Албанија. Претходно, истата група неовластено пристапуваше до чувствителни системи и објавуваше лични податоци на албански граѓани, предизвикувајќи сериозна безбедносна криза.
Албанија од 2013 година е домаќин на членовите на МЕК (Mujahedin-e-Khalq), иранска опозициска организација во егзил, која Техеран ја смета за терористичка. Официјалните власти засега не ја коментираат последната закана, но безбедносните мерки околу кампот во Манза се засилени.