
Командантот на српската Специјална антитерористичка единица (САЈ), Игор Жмириќ, и неговиот помошник Горан Филиповиќ се приведени поради сомнежи за малтретирање студенти, објави Н1, повикувајќи се на информации на весникот „Данас“.
Според медиумските извештаи, сомнежите се однесуваат на постапувањето кон студентката Николина Синѓелиќ и нејзини колеги во гаражата на зградата на српската влада, во период кога приведените биле припадници на Единицата за обезбедување одредени личности и објекти (ЈЗО).
Порталот „Нова“, повикувајќи се на свои извори, објави дека во акцијата на Секторот за внатрешна контрола при српското МВР се уапсени најмалку пет поранешни и актуелни припадници на ЈЗО, а по неколку други лица се трага. Меѓу приведените, според порталот, е и Милан Вуковиќ, познат под прекарот Бака.
Според истите информации, акцијата се спроведува по налог на Првото основно јавно обвинителство во Белград.
Медиумите ги поврзуваат приведените со полициските интервенции во јули и август 2025 година на булеварот „Крал Александар“, во близина на Правниот факултет во Белград. Во тие интервенции повеќе студенти биле повредени и приведени, а полицијата влегла и во просториите на факултетот.
Н1 пренесува дека сослушувањата се во тек. Дополнителни информации за сомнежите, улогата на секој од приведените и натамошните мерки се очекуваат од надлежните институции.
Жмириќ бил поставен за командант на САЈ на 7 ноември 2025 година, по пензионирањето на претходниот командант Спасоје Вулевиќ.























