УТРО.мк

Коњановски: Да ги чуваме вредностите на слободата и да градиме подобро утре – доделени наградите „4 Ноември“

Коњановски: Да ги чуваме вредностите на слободата и да градиме подобро утре – доделени наградите „4 Ноември“
Vero

Актерката Соња Михајлова е добитничка на наградата „4 Ноември“ за животно дело, додека признанијата за едногодишни достигнувања им припаднаа на професорот д-р Горан Илиќ, д-р Маргарита Камбовска и спортскиот учител Кире Марков. Наградите беа доделени на свечената академија во Центарот за култура, по повод 82 години од ослободувањето на Битола.

Градоначалникот Тони Коњановски во своето обраќање истакна дека 4 ноември 1944 година останува трајно врежан во меморијата на градот како ден на слободата, надежта и можноста животот повторно да се гради во мир.

Тој нагласи дека почитта кон борците и нивните жртви подразбира и одговорност на денешните генерации да ги зачуваат вредностите за кои тие се бореле.

„Наследството живее во нашата посветеност да ги поддржуваме вредностите на слободата, правдата и мирот. Наша должност е да се погрижиме нивните жртви никогаш да не се заборават, а лекциите од историјата да нè водат во нашата потрага по подобро утре“, порача Коњановски.

Добитниците ги соопшти претседателот на Советот на Општина Битола, Бојан Бојкоски. Тој истакна дека признанијата се благодарност за личниот и колективниот придонес во развојот на градот и поттик за младите генерации.

Соња Михајлова наградена за животно дело

Наградата за животно дело ѝ беше доделена на Соња Михајлова за придонесот во културата и драмската уметност. Во образложението се истакнуваат нејзината 42-годишна кариера, повеќе од 150 улоги на матичната сцена и бројните настапи во земјава и во странство.

Михајлова беше членка на ансамблот на Народниот театар – Битола од 1984 до 2022 година. Покрај театарските остварувања, публиката ја познава и од „Бушавата азбука“, „До балчак“, „Кајмак“ и други филмски и телевизиски проекти.

Признанието, за кое ја предложи Народниот театар – Битола, се состои од плакета и парична награда од 60.000 денари. Во име на наградените, Михајлова се обрати пред присутните и се заблагодари за укажаната чест.

Признанија за науката, здравството и спортот

Д-р Горан Илиќ, редовен професор на Правниот факултет и проректор за наука на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, е награден за придонесот во меѓународната афирмација на градот и развојот на научноистражувачката работа. Предложен е од Ротари клуб „Битола“, а во образложението е нагласена и неговата работа како главен и одговорен уредник на списанието „Journal of Liberty and International Affairs“.

Д-р Маргарита Камбовска, специјалист по педијатрија и субспецијалист по неонатологија, го доби признанието за посветеноста во здравствената грижа за новороденчињата и децата. Нејзин предлагач е болницата „Плодност“.

Кире Марков, предложен од група граѓани, е награден за придонесот во спортот и обуката на деца во пливање и скијање. Годинава тој одбележува шест децении занимавање со спорт, а зад себе има и учества на околу 30 маратони во земјава и во странство.

Наградите за едногодишни достигнувања се доделуваат во вид на диплома и паричен износ од по 15.000 денари. Одлуките за добитниците ги донел Управниот одбор на Фондот за наградата „4 Ноември“ на седница одржана на 26 октомври.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Horoskop Lotarija
Филигран