
Европската комисија претстави насоки со кои ги повикува граѓаните на Европската Унија да подготват храна, вода и основни потреби за најмалку три дена во случај на вонредна ситуација или катастрофа, пренесува „Индекс“.
Препораките ги претставила еврокомесарката за подготвеност и управување со кризи, Хаџа Лахбиб, на Европскиот форум за цивилна заштита во Брисел. Таа нагласила дека првите часови од кризата се особено значајни и дека подготовката почнува во домовите, училиштата и локалните заедници.
Главниот акцент е на можноста домаќинствата самостојно да ги покриваат основните потреби во првите 72 часа, додека службите ја организираат помошта. Покрај домашните залихи, се препорачува однапред подготвена торба или ранец со најнеопходните работи за евентуална брза евакуација.
Насоките опфаќаат и едукација за кризи во градинките и основните училишта, приспособена на возраста и без создавање страв. Предвидени се посебно внимание кон лицата со попреченост и појасно и побрзо известување на јавноста за опасностите.
Комисијата предложила и Европски ден на подготвеноста, кој би се одбележувал на 23 октомври, почнувајќи од 2027 година.
За државите членки се препорачуваат редовни проверки на подготвеноста на службите и планови за непречена работа при прекини на струја, пад на комуникациските мрежи или кибернапади.























