Секој потрошувач на електрична енергија во Македонија има законско право на визуелен пристап до сопственото електрично броило, а секое спречување на овој пристап од страна на операторот – во случајов ЕВН – претставува прекршување на новиот Закон за енергетика што стапи на сила на 29 мај 2025 година.
„Операторот е обврзан да овозможи визуелен пристап до мерниот уред, односно потрошувачот лично и во секое време да може да го види и провери податокот што уредот го регистрира“, предупредуваат од Здружението на инжинери на Македонија. Секое поставување на броила во затворени, заклучени, високи или непристапни простории и ормари се смета за незаконско.
Законот предвидува парична казна од 1.000 до 3.000 евра за ЕВН доколку не го исполни ова своето законско задолжение. Тоа значи дека секој граѓанин кој не може да го види броилото или не може да ја провери својата потрошувачка, има право да поднесе претставка до надлежните институции.
Официјално барање веќе е поднесено до Државниот инспекторат за енергетика, Државниот пазарен инспекторат и Министерството за енергетика, со цел да се утврди кој од нив е конкретно надлежен за надзор и санкции во ваквите случаи.
„Граѓаните треба да бидат свесни за своето право и охрабрени да пријавуваат секое прекршување. Броилата, иако се сопственост на операторот, се дел од јавна услуга и нивната достапност е суштински дел од заштитата на потрошувачот“, се наведува во соопштението.