Британскиот авио-гигант „Бритиш Ервејс“ ги суспендира летовите кон Дубаи, Доха и Бахреин поради опасно растечките тензии во Персискиот Залив, откако САД ги нападнаа иранските нуклеарни постројки, а Техеран се закани со жесток одговор.
Според извештајот на „Блумберг“, неколку летови се итно откажани, а два авиони кои веќе полетаа за Дубаи беа пренасочени – еден се вратил назад по влезот во египетскиот воздушен простор, а друг бил преусмерен кон Цирих.
„Безбедноста на патниците и екипажот е наш главен приоритет“, соопшти авиокомпанијата, алудирајќи на потенцијални воздушни напади и нестабилен воздушен простор над регионот.
Летовите до Доха се стопирани уште од 22 јуни, а линиите до Бахреин остануваат суспендирани најмалку до крајот на месецот. Причина: ризик од ирански ракетни напади и можност за затворање на Ормутскиот теснец – една од најкритичните нафтени рути во светот!
Катар и Бахреин, каде што се сместени големи американски воени бази, веќе го зголемија степенот на готовност. Во Бахреин, дури 70% од администрацијата премина на работа од дома поради зголемена закана.
Бритиш Ервејс не е единствен – и други западни превозници ги повлекуваат авионите од регионот. Дали следува блокада на небото над Блискиот Исток?