Замислете дека вашиот сосед јавно зборува дека ќе треба да ве уништи. Потоа им плаќа насилници да ве напаѓаат и на крај започнува да собира делови за автоматско оружје. Би чекале ли да го состави оружјето и да тргне на вас?
Ова е основната логика што стои зад се’ поотворената кампања на Израел и САД против нуклеарната програма на Иран – земја чиј врховен лидер ајатолахот Али Хаменеи го нарекува Израел „канцероген тумор“ и чија надворешна политика се темели на поддршка на терористички организации како Хамас, Хезболах и Хутите.
Иран како извор на нестабилност
Иран, кој е под теократска диктатура, веќе со години финансира и снабдува со оружје вооружени групи низ Блискиот Исток. Хутите во Јемен, кои не само што се бореа со легитимната влада, туку во последно време и напаѓаат израелски и западни цели, немаат нафта, немаат ресурси – имаат само иранска поддршка.
Но, проблемот не е само во прокси војните. Проблемот е што истиот тој режим веќе со години се обидува да збогати ураниум до ниво блиску до тоа што е потребно за изработка на атомска бомба. Објектите се под планини, заштитени како да се воена мета – а не центри за мирнодопски истражувања. Станува збор за програма која одамна ја надмина границата на она што е дозволено според Договорот за неширење на нуклеарно оружје.
Нуклеарна бомба во рацете на диктатура
Разликата меѓу Иран и, на пример, Индија или Израел, не е само формална. Израел никогаш не се заканил со уништување на друга држава. И покрај воената сила, останува демократија каде има јавни протести, парламентарна контрола и слободно новинарство – дури и во време на војна. Иран, пак, убива сопствени граѓани за носење хиџаб „на погрешен начин“, крие научници во бункери и фрла ракети преку прокси групи.
Таков режим со нуклеарна бомба не е прашање само на израелска безбедност – тоа е прашање на глобална безбедност. Саудиска Арабија, Египет, Турција – сите би биле приморани да одговорат. Најопасниот регион во светот би се претворил во најнаоружаниот. А кога повеќе тоталитарни режими имаат оружје за масовно уништување, грешка или погрешна проценка може да значи катастрофа од глобални размери.
Превенцијата како потребна реалност
Израел и САД имаат право – и должност – да спречат иранско нуклеарно оружје. Ова не е прашање на симпатии или геополитика, туку на спречување светска катастрофа. Да, во идеален свет, ОН би реагирале. Но Советот за безбедност е блокиран од Русија. А диктатурите, ако не ги спречите навреме, секогаш завршуваат со поголема цена.
Затоа, во свет каде што демократијата е сè поретка, не е лошо да се потсетиме зошто некои бомбардери навистина значат мир – за да можат жените да одат слободно со пуштена коса, а граѓаните да живеат без страв од верска полиција, затвори и бункери.