Регулаторната комисија ги одби енергетските проекти поврзани со семејството Заеви
Две струмички компании блиски до семејството Заеви – „Соар Енерџи Груп“ и „Ековат – Груп“ – не добија одобрение за започнување со производство на електрична енергија, и покрај тоа што ги поминале сите претходни институционални филтри, покажуваат податоци од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
Барањата на компаниите за доделување привремена лиценца беа одбиени на крајот од мај, иако биле поднесени уште минатата година со комплетна документација, а во меѓувреме биле земени високи кредити и набавена опрема.
„Соар Енерџи Груп“ – сопственост на „Тотал Инженеринг“ на Вице Заев и „Бобан Заев Холдинг“ – планирала производство на електрична енергија од три фотоцентрали во Валандово, со вкупна инсталирана моќност од околу 24 мегавати. Финансиската изложеност на компанијата во моментов изнесува 6,5 милиони евра, а ланските обврски достигнале 8,5 милиони евра.
„Ековат – Груп“ инвестирала во три фотоцентрали во селото Сушица, општина Ново Село, со вкупна моќност од 10 мегавати. Според финансиските податоци, лани направила расходи од половина милион евра, а обврските изнесувале околу 14 милиони евра. Сопствеништвото е поврзано со Симеон и Горан Крстеви – познати бизнис-соработници на семејството Заеви, а во структурата индиректно учествуваат и бугарските фирми „Грал“ и „Зунче“.
Од РКЕ за медиумите изјавија дека барањата на двете компании биле одбиени затоа што технички не било возможно приклучување на нивните капацитети на електродистрибутивната мрежа, поради потребата од претходна надградба на трафостаниците во регионот.
„РКЕ ги одби барањата за привремени лиценци бидејќи не е реализиран условот за приклучување на електродистрибутивната мрежа. Според решението за согласност, мора прво да се изврши надградба на соодветните трафостаници“, соопштија од Регулаторната комисија.
Од таму нагласуваат дека нивната одлука е конечна, но на компаниите им останува можноста да покренат управен спор пред суд. Дополнително, посочија дека поднесените барања за привремена лиценца се веќе несоодветни според новиот Закон за енергетика, кој не предвидува ваков тип лиценци.
„Ако се подобрат техничките услови и се заврши надградбата на мрежата, друштвата може да поднесат нови барања за пробна или трајна лиценца“, додаваат од РКЕ.
Познавачите на состојбите во енергетскиот сектор коментираат дека доделувањето на привремена лиценца е вообичаена постапка пред да се одобри трајна лиценца, која најчесто следи по шест месеци. Засега, од ЕВН Електродистрибуција нема одговор за конкретните услови за приклучување на двата проекта.