Истрагата за мистериозниот пад на авионот „Боинг 787“ на индиската авиокомпанија „Ер Индија“, во кој трагично загинаа речиси 280 патници и членови на екипажот, и понатаму е во тек. Сепак, јавноста веќе добива увид во првичните наоди што би можеле да фрлат светлина врз причините за катастрофата.
Иако првичниот извештај се очекува дури за неколку месеци, експертите веќе укажуваат на серија технички проблеми кои му претходеле на падот. Најзагрижувачки е фактот дека двата мотора ја изгубиле силата веднаш по полетувањето, а истовремено се случил и сериозен дефект во електричниот систем на леталото.
Во обид да се одржи електричното напојување, автоматски се активирала помошната турбина — APU (auxiliary power unit). Но, како што посочуваат стручњаците, овој систем не е дизајниран да обезбедува стабилна поддршка во критичните моменти веднаш по полетување, туку во подоцнежните, стабилни фази на летот.
Првичните шпекулации дека е можно пилотите по грешка да ги повлекле закрилцата наместо тркалата, сега се отфрлени како неосновани. Истражителите го насочуваат фокусот кон техничките компоненти и потенцијални пропусти во дизајнот или електрониката на самиот авион.
Доколку се потврди дека несреќата не била резултат на човечка грешка или неправилно одржување, туку на исклучиво технички дефект, компанијата „Боинг“ би можела да се соочи со нова, сериозна репутациска и правна криза. Авио-гигантот сè уште не е целосно закрепнат од контроверзиите поврзани со моделот „737-MAX“, кој беше глобално приземјен по серија трагични несреќи.
Во падот на авионот што се случи минатиот четврток, животот го загубија речиси сите 280 патници и членови на екипажот. Еден патник, речиси чудесно, го преживеа инцидентот, а неговото сведоштво дополнително ги зајакна сомнежите за дефект на електричниот систем. Тој изјавил дека светлата и уредите во кабината се изгаснале непосредно пред авионот да изгуби контрола.
Истражните органи продолжуваат со работа, додека целата светска авијациска заедница со големо внимание ги очекува резултатите што би можеле да имаат сериозни последици за целата индустрија.