Министерката за енергетика, Сања Божиновска, истакна дека енергетските реформи во земјата напредуваат стабилно и со јасни чекори, поддржани од меѓународни партнери.

„Со тимот на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) ги усогласивме последните чекори за неколку стратешки проекти што стартуваат во 2026 година. Меѓу нив е батерискиот енергетски систем на ЕСМ со капацитет од 300 MWh, инвестиција што ќе донесе стабилност, флексибилност и значителен напредок во нашиот електроенергетски систем“, рече Божиновска.

Таа додаде дека ЕБОР како партнер носи доверба, искуство и техничка поддршка, што овозможува забрзување на реформите.
Министерката посочи и дека отворени се клучните теми поврзани со ESCO-моделот, нов пристап кој овозможува инвестиции во енергетска ефикасност без финансиски товар врз граѓаните и институциите.
„Во периодот што следи, со ЕБОР продолжуваме координирано и со ист фокус: проекти што директно ја зајакнуваат енергетската сигурност на државата“, заклучи Божиновска.























