Појавата на обрушување на земјиште на Водно, во близина на улиците Белградска и Партеније Зографски, предизвика итен координативен состанок во Центарот за управување со кризи (ЦУК). На состанокот присуствуваа директорот на ЦУК, Мухамед Али, градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, како и претставници од надлежните институции и служби.
На состанокот беше разгледана состојбата на терен, оценети се ризиците за околните објекти и се договори итно преземање мерки за стабилизирање на критичната зона. Засилениот надзор и изработката на ургентен план се дел од заедничките активности за спречување на понатамошно лизгање на земјиштето.
Заклучоците од состанокот ќе бидат доставени до Владата на Република Северна Македонија за понатамошно постапување.























