Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) ја затвори училишната кујна во ОУ „Димо Хаџи Димов“ во скопско Влае, по добиени девет пријави за стомачни тегоби кај ученици. Според надлежните, засега нема пријавени симптоми кај вработените во училиштето.
Директорот на ДСЗИ, д-р Кирил Лазов, изјави дека веднаш по известувањето од Центарот за јавно здравје е започнат координиран вонреден инспекциски надзор со АХВ, Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) и ЦЈЗ Скопје.
Како превентивна мерка, кујната е затворена како потенцијален извор на зараза, а издадено е решение за забрана, со задолжителни мерки за операторот: вонредно чистење, дезинфекција, дезинсекција и дератизација, како и дополнителни здравствено-хигиенски прегледи за вработените.
Директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, информираше дека на терен се земени брисеви од раце, нос и грло на персоналот од кујната, како и брисеви од работни површини. Притоа се собрани и мостри од храната што ја консумирале учениците, како и мостри од вода, кои по нивно инсистирање исто така ќе бидат анализирани.
Анализите се во тек, а надлежните порачаа дека, доколку е потребно, ќе се работи непрекинато за што поскоро да се утврди причината за стомачните тегоби кај децата.























