
Логистичкиот конзорциум на Босна и Херцеговина информира дека во изминатиот период се регистрирани околу 100 случаи на присилно враќање на професионални возачи од земјите на Европската Унија, како и повеќе од 100 дена поминати во притвор и затвори во земји-членки на ЕУ. Дополнително, институциите во Германија, Австрија, Полска и други држави потврдиле дека само во еден ден биле отворени уште околу 100 нови постапки за присилно враќање.
Според Конзорциумот, станува збор за возачи кои се редовно вработени, поседуваат важечки договори за работа и целосна документација, но и покрај тоа биле прогласени за лица со „нелегален престој“ и присилно отстранети од територијата на одредени земји на ЕУ.
Како што појаснуваат, присилното враќање или депортација се применува врз основа на формално толкување на престојот или проценка на ризик, без да се земе предвид статусот на вработување и природата на работата што ја извршуваат возачите во меѓународниот транспорт.
Конзорциумот наведува дека во последните 365 дена само во Германија биле насилно отстранети околу 100 професионални возачи, исклучиво поради извршување на нивните работни обврски. Тие потенцираат дека овие лица не го кршат законот, не бараат азил и не претставуваат безбедносен или миграциски ризик, туку се дел од легалниот синџир на меѓународен транспорт.
Според превозниците, ваквата практика претставува директно кршење на правото на работа и е спротивна на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, меѓународните договори за труд, како и принципите за слободно движење на стоки и непречено функционирање на синџирите на снабдување.
Тие предупредуваат дека доколку ваквиот однос продолжи, последиците нема да бидат само секторски, туку и сериозни економски, социјални и стратешки за Босна и Херцеговина и поширокиот регион. Поради тоа, ги повикуваат надлежните институции итно да реагираат.
Превозниците од Западен Балкан најавија дека на 26 јануари ќе ги блокираат граничните премини кон Европската Унија, со барање системот за влез и излез од Шенген зоната да не се применува на професионалните транспортни возачи.



























