Жестока сообраќајна несреќа го потресе Скопје на 10 јули околу 12:40 часот, кога на сервисна улица што ги поврзува булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ и улицата „Бутелска“ дојде до директен судир помеѓу две патнички возила.
Според информациите од СВР Скопје, во несреќата учествувале „фолксваген туран“, управуван од 53-годишниот М.Ч. од Скопје, и „пежо“, со кое управувал 25-годишниот М.Н. од село Стајковци. Судирот бил толку силен што една сопатничка од „пежото“, 53-годишната В.В. од Скопје, се здобила со тешки телесни повреди.
И двајцата возачи биле повредени – за среќа полесно – и итно биле префрлени во болничките установи „Св. Наум Охридски“ и Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, каде им е укажана лекарска помош.
На местото на несреќата извршен е увид од страна на полициска екипа, а причините за судирот сè уште се истражуваат.