УТРО.мк

Вработена во МВР повторно осомничена за злоупотреби со лични документи

Вработена во МВР повторно осомничена за злоупотреби со лични документи
Vero

Вработена во Министерството за внатрешни работи, која во 2021 година била отпуштена поради злоупотреби при издавање лични документи, повторно е уапсена под сомнение за незаконско издавање возачки дозволи.

Против неа и уште 26 лица Основното јавно обвинителство Скопје води истрага за повеќе кривични дела поврзани со незаконско внесување категории во возачки дозволи, нивно издавање и употреба.

Според ОЈО Скопје, осомничената во периодот од 3 септември 2020 до 24 август 2026 година, користејќи ја службената шифра и овластувањата во електронскиот систем, незаконски менувала претходно креирани барања за издавање возачки дозволи.

Во одредени случаи, таа отфрлала веќе оформени барања и креирала нови, во кои внесувала категории за кои подносителите не ги исполнувале законските услови. По одобрувањето на изменетите барања биле издавани возачки дозволи со невистинита содржина.

Од МВР информираат дека истата вработена во периодот од февруари до април 2021 година била отстранета од работното место, а потоа и отпуштена поради кривична пријава за злоупотреби при издавање лични документи. Во јануари 2025 година, со судска одлука, била вратена на работното место во Одделението за управни работи во Скопје.

Внатрешната контрола на МВР утврдила дека со незаконски внесените категории биле издадени возачки дозволи на 21 лице, додека во еден случај постапката за издавање била во тек. Во уште три случаи биле отфрлени претходно креираните барања, по што биле направени нови со категории за кои не биле исполнети законските услови.

Во истрагата се опфатени и четири лица кои, според сомненијата, дејствувале како посредници. Тие наоѓале заинтересирани лица, ги поврзувале со службеничката и ја координирале постапката до незаконското внесување и одобрување на категориите во електронскиот систем.

Шестмина од 27-те осомничени се товарат и за употреба на исправа со невистинита содржина. Дел од нив со фалсификуваните возачки дозволи ја поминувале државната граница, а две лица ги употребиле и за добивање сертификати за професионални возачи во меѓународен превоз на патници и стоки.

По откривањето на случајот, МВР побарало од Министерството за транспорт да изврши вонреден надзор над правните лица кои вршат обука или посредуваат при издавање сертификати за професионална компетентност, како и да ја преиспита законитоста на веќе издадените сертификати.

За вработената во МВР и за уште две лица обвинителството побарало определување мерка притвор. За 17 лица се предложени мерки на претпазливост, додека седуммина осомничени се недостапни за органите на прогонот.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран
MegaWin
MegaWin