УТРО.мк

Најголемиот должник во Македонија нема имот за наплата, државата не може да наплати 14,87 милиони евра

Најголемиот должник во Македонија нема имот за наплата, државата не може да наплати 14,87 милиони евра
Vero

Најголемиот должник на септемвриската листа на Управата за јавни приходи нема имот од кој директно би можел да се наплати долгот од речиси 15 милиони евра.

Станува збор за скопската компанија „Хант осој трејд“, која должи повеќе од 900 милиони денари, односно околу 14,87 милиони евра.

Според информациите на УЈП, компанијата не поседува движен или недвижен имот. Во тек се мерки за присилна наплата од парични средства, а утврдена е и даночна гаранција, по што се преземаат мерки за наплата од даночен гарант.

На второто место меѓу најголемите должници е скопската компанија „Окитна трејд“, регистрирана во Визбегово, додека меѓу трите најголеми должници се наоѓа и „Лисав“ од Скопје.

Кај трите компании, според податоците на УЈП, неплатените обврски се однесуваат исклучиво на данокот на додадена вредност.

На септемвриската листа на УЈП се наоѓаат вкупно 5.240 правни и физички лица, со вкупни ненамирени обврски од повеќе од 13,64 милијарди денари, односно околу 221,8 милиони евра.

Од нив, 2.008 се правни лица, а 3.232 се физички лица.

Листата ги опфаќа долговите доспеани за плаќање до 31 мај 2026 година, кои не биле намирени ниту до 31 август. Во неа се вклучени обврски по основ на ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси за задолжително социјално осигурување, акцизи и царини.

Во однос на претходниот месец, бројот на должници е зголемен за две компании и 38 физички лица, додека вкупниот долг е зголемен за околу 7,3 милиони евра.

Само неплатените даноци и придонеси достигнуваат 13,46 милијарди денари, односно околу 218,8 милиони евра, што претставува најголем дел од вкупните обврски на листата.

Од УЈП посочуваат дека листата на должници се објавува согласно член 9 од Законот за даночна постапка.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран
MegaWin
MegaWin