Царинските службеници на граничниот премин „Богородица“ спречија обид за криумчарење на 4.577 небезбедни лекови, скриени меѓу патнички перничиња во изнајмено возило. Лицето, државјанин на Косово, е пријавено за кривично дело „криумчарење“, информираа од Царинската управа.
Лековите биле без оригинално пакување и без соодветни дозволи и сертификати, што претставува сериозен ризик по здравјето на граѓаните. Станува збор за аналгетици, анестетици и антиалергиски раствори во стаклени вијали, кои биле транспортирани во рефузна состојба и сокриени во три картонски кутии.
„Со ваквиот начин на транспорт, сторителот директно ја загрозува безбедноста на граѓаните. Нашите инспектори реагираа навремено и спречија сериозен ризик по здравјето“, соопштија од Царинската управа.
По извршената контрола и координација со Одделението за истраги, Основното јавно обвинителство во Гевгелија изрече мерка за одземање на лековите. Од Царинската управа најавија засилени контроли на граничните премини за спречување на шверц на лекови и за заштита на јавното здравје.