Тешка сообраќајна несреќа утринава се случи на експресниот пат Штип – Радовиш, кај мостот на Балталиска Река во близина на селото Лакавица, кога комбе со работници излетало од коловозот.
Според информациите, тројца работници починале, а двајца се тешко повредени. Директорот на ЈЗУ Здравствен дом „Панче Караѓозов“, Горан Андонов, изјави за МИА дека медицинскиот тим на лице место констатирал смрт на две лица, додека третиот работник, иако бил реанимиран, подоцна подлегнал на повредите.
Според првичните податоци, станува збор за работници од Бангладеш, ангажирани од струмичка фирма. Повредени се уште еден работник и возачот на комбето.
Директорот на Клиничка болница – Штип, Владко Захариев, потврди дека едно лице е хоспитализирано и во моментов е под лекарски прегледи.
Надлежните институции работат на утврдување на причините за несреќата.