Основното јавно обвинителство Струга поведе истрага против 34-годишен жител на Велешта за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи, предизвикување општа опасност и напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста.
Според пријавата, на 16 септември осомничениот, при расправија со три лица од Дебар со кои имал претходно влошени односи, извадил пиштол и испукал неколку пати кон еден од оштетените, при што му нанел две лесни телесни повреди во долниот дел од нозете. Потоа влегол во возилото со намера да избега.
Тој не ја почитувал наредбата на полициски службеник да застане, а движејќи се наназад со автомобилот, го удрил полицаецот и му нанел телесна повреда. При увидот биле пронајдени нож и метална шипка, за кои се вршат дополнителни проверки за нивната улога во настанот.
Јавниот обвинител достави предлог за определување на мерка притвор за осомничениот.