Британската тајна разузнавачка служба МИ6 ќе ја користи „темната мрежа“ како нов канал за регрутирање шпиони и прибирање чувствителни информации од агенти во Русија и низ целиот свет, објави британското Министерство за надворешни работи.
Специјално развиениот портал со назив Silent Courier ќе им овозможи на поединци безбедно да споделуваат податоци за нелегални активности или да понудат свои услуги. „Денес ги молиме оние што располагаат со информации за глобалната нестабилност, меѓународниот тероризам или активностите на непријателските државни служби да го контактираат МИ6 преку интернет,“ ќе изјави шефот на МИ6, Ричард Мур, во говор во Истанбул.
„Нашите виртуелни врати се отворени за вас,“ порача Мур, кој претходно јавно ги повика руските граѓани да шпионираат за Британија.
Во промотивното видео што го придружува соопштението, МИ6 признава дека досега основата на нивната работа била личната средба, но оти новите предизвици бараат премин кон анонимноста на „темната мрежа“ – простор кој често се поврзува со криминал, тероризам и трговија со нелегални содржини.
Упатства за користење на порталот Silent Courier ќе бидат објавени на официјалниот Јутјуб канал на МИ6.
Министерката за надворешни работи, Ивет Копер, изјави дека новата иницијатива е одговор на зголемените глобални закани. „Мораме да бидеме еден чекор пред нашите противници. Со оваа технологија, МИ6 ќе може да регрутира нови информатори и да обезбеди информации од клучни региони,“ рече таа.
Оваа најава доаѓа во момент кога Ричард Мур се подготвува да ја напушти функцијата по пет години на чело на МИ6. На негово место ќе стапи Блејз Метревели, која ќе стане првата жена на чело на британската шпионска агенција.