Жена на околу 40-годишна возраст се удавила во Дебарското Езеро, во близина на градската плажа. Според информациите, нејзиното тело го забележале две лица кои веднаш ја извлекле од водата и се обиделе да ја реанимираат, но без успех.
На повикот реагирала екипа на Брза помош од Општата болница со проширена дејност – Дебар, но лекарот само можел да констатира смрт. Од полицијата информираат дека на телото немало траги на насилство.
Увид извршиле полициски екипи и дежурен јавен обвинител, а телото е предадено на обдукција за утврдување на точната причина за смртта.
Ова е прв случај на давење во езерото по повеќе од десет години. Според локалните власти, од 2017 година на градската плажа функционирале спасувачки тимови, но ова лето спасувачката служба не е активна.