УТРО.мк

Под контрола е пожарот во „Макпрогрес Винчини“ во Виница, има повредени пожарникари

Под контрола е пожарот во „Макпрогрес Винчини“ во Виница, има повредени пожарникари
Vero

Пожарот што вчера избувна во фабриката за кандирани производи и вафли „Макпрогрес“ во Виница, позната по брендот „Винчини“, е ставен под целосна контрола, соопшти директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.

Во интервенцијата што траеше со часови, неколку пожарникари се здобија со изгореници на стапалата откако им се заглавиле чизмите во стопен шеќер во еден од погони. „Чизмите им останале во стопената смеса и се стопиле заедно со неа“, изјави Ангелов.

Пожарот зафатил магацини и производствени погони со сончеви панели на крововите, при што била предизвикана голема материјална штета. Огнот започнал околу 18:40 часот и брзо се проширил низ објектите, поради што жителите во близина стравувале дека ќе стигне и до нивните домови.

Во гаснењето учествуваа екипите на Противпожарната единица од Виница, како и пожарникари од Кочани, Македонска Каменица, Штип, Пробиштип, Струмица, Кавадарци и Велес.

„Макпрогрес Винчини“ е еден од најголемите производители во кондиторско-пекарската индустрија во Македонија, со повеќе од 35 години традиција. Компанијата извезува 75% од своето производство во 45 земји низ светот.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран