Сериозна сообраќајна несреќа се случи завчера околу 19:30 часот на улицата Христијан Тодоровски Карпош во Скопје, при што пет лица се здобија со повреди, информира СВР Скопје.
Во несреќата учествувале „голф“ со скопски регистарски ознаки, управуван од З.С. (41), и „поло“ што го возел А.Ш. (30). Најтешко повредена е сопатничката од „поло“ возилото, Х.С.Ш., која е пренесена во болница во тешка состојба. Повреди добиле и возачот А.Ш. и неговата сопатничка Ш.Ш. (57).
Повредени се и возачот на „голф“ З.С. и неговиот сопатник Ѓ.Х. (42). Сите повредени биле згрижени во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“ и во Комплексот клиники „Мајка Тереза“.
Полицијата спроведува истрага за да ги утврди причините и одговорноста за несреќата.