
Основното јавно обвинителство Охрид отвори истрага против три лица осомничени дека палеле отпад во близина на депонијата „Буково“ со цел да издвојат бакарни жици од кабли.
Според Обвинителството, на 17 септември тројцата со товарно возило донеле отпад во близина на депонијата, по што започнале да горат гумени отпадни кабли за да ги издвојат бакарните жици.
При согорувањето бил создаден чад, а во воздухот биле испуштени штетни материи, со што, според надлежните, била загрозена животната средина и природата.
За тројцата осомничени е донесена наредба за спроведување истражна постапка за кривично дело „Загрозување на животната средина и природата со отпад“ по член 230 став 1 од Кривичниот законик.
Јавниот обвинител до судија на претходна постапка при Основниот суд Охрид доставил и предлог за определување мерка притвор за сите тројца.

















