УТРО.мк

Проданоски: 84 години од Дабничкиот масакр – да не се повтори, но никогаш да не се заборави

Проданоски: 84 години од Дабничкиот масакр – да не се повтори, но никогаш да не се заборави
Vero

По повод 84-годишнината од Дабничкиот масакр, градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, оддаде почит на 18-те прилепчани кои биле убиени кај Дабница на 19 септември 1942 година.

Проданоски порача дека Дабница е едно од местата кои мора да се паметат, а жртвата на загинатите прилепчани да остане дел од историското паметење на градот.

„На 19 септември 1942 година, 18 прилепчани биле сурово убиени кај Дабница од страна на бугарскиот фашистички окупатор. Нивните имиња денес се дел од историјата на нашиот град, а нивната жртва е дел од борбата за слободата во која верувале“, посочи Проданоски.

Дабница во текот на Втората светска војна била една од базите на Првиот прилепски партизански одред. Неколку дена претходно, на 14 септември, во борбата кај Мукос загинале десет партизани од одредот, додека голем број жители на Дабница биле уапсени и однесени во прилепската касарна.

Меѓу жртвите од 19 септември бил и Добре Јованоски, додека истиот ден во прилепската касарна бил маченички убиен и Рампо Левката. Двајцата се народни херои чии имиња се поврзани со историјата на Прилеп.

Проданоски нагласи дека грижата за историските места не треба да се сведува само на одбележување на годишнини, туку и на нивно соодветно одржување и заштита.

„Историјата не се чува само со зборови и венци, туку и со односот што го имаме кон местата што сведочат за неа“, порача прилепскиот градоначалник.

Тој посочи дека Општина Прилеп ќе продолжи да инсистира на поголема заштита и уредување на ваквите места, но и на одговорност од сите граѓани кон спомен-обележјата и просторот околу нив.

По повод годишнината од Дабничкиот масакр, Проданоски упати порака за трајно зачувување на сеќавањето на загинатите.

„Да не се повтори, но никогаш и да не се заборави“, порача тој.

Денешниот ден е значаен и за ООУ „Добре Јованоски“ и ООУ „Рампо Левката“, кои ги носат имињата на двајцата народни херои. Проданоски им го честиташе патрониот празник на учениците, наставниците и стручните соработници, посакувајќи училиштата да продолжат да бидат места каде младите ќе стекнуваат знаење, ќе растат во духот на одговорноста и чесноста и ќе ја познаваат историјата на својот град.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран
MegaWin
MegaWin