
Необичен случај е пријавен во полицијата во Кочани, откако семејство од зграда на улицата „Димитар Влахов“ пријавило дека непознато лице двапати управувало дрон кој влетал во нивниот стан.
Настанот се случил во текот на ноќта меѓу 10 и 11 септември. Според пријавата на станарите, при првиот случај дронот преку отворената терасна врата влетал директно во спалната соба.
Членовите на семејството биле разбудени од звукот на леталото, по што лицето кое го управувало дронот се обидело да го извлече. При повлекувањето, дронот удрил во стаклото.
По кратко време, леталото повторно се појавило и по вторпат влетало во спалната соба, навлегувајќи околу еден метар во просторијата. Станарите се обиделе да го соборат дронот, по што тој бил повлечен, а лицето кое управувало со него се оддалечило.
Семејството се сомнева дека дронот можеби бил користен за неовластено снимање на членовите додека спиеле, но засега нема официјална потврда дека навистина се вршело снимање.
Од Министерството за внатрешни работи потврдиле дека се преземаат мерки за расчистување на случајот, а за настанот бил известен и јавен обвинител.
Полицијата побарала од Агенцијата за цивилно воздухопловство да провери дали во наведениот период било пријавено користење дрон на подрачјето на Кочани.
Од Основното јавно обвинителство Кочани информирале дека се преземаат дејствија за откривање на лицето кое управувало со леталото.
Дали станува збор за неовластено снимање или за друго противправно дејствие ќе треба да се утврди во текот на проверките и постапката на надлежните институции.

















