Педесет и шестгодишен тетовец, Р. Љ., е приведен вчера попладне околу 16:40 часот, откако полициски службеници го затекнале како управува автомобил „мерцедес“ со регистарски таблички обоени во црвена боја.
Од МВР информираа дека возилото, освен што имало таблички со тетовски ознаки обоени во црвено, било опремено и со светлосни сигнали – флешери. Полицијата од одделението во Теарце веднаш ги одзела табличките и флешерите. По целосното документирање на случајот ќе бидат поднесени соодветни пријави против возачот.
Да потсетиме, од јули годинава, согласно одлука на Владата, се воведоа нови црвено-жолти регистарски таблички, наменети исклучиво за службени возила во државна сопственост, со цел поголема транспарентност и спречување на злоупотреби.