Од денеска стапија во сила измените на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, со кои се предвидуваат казни за пешаците и возачите на велосипеди, тротинети и мопеди кои го користат мобилниот телефон или носат слушалки додека учествуваат во сообраќајот.
За пешаците казната изнесува 40 евра, додека за возачите на овие превозни средства 50 евра. Сообраќајната полиција ќе може да санкционира секој учесник кој со намалено внимание ја загрозува безбедноста на патиштата.
Од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот појаснуваат дека новите мерки имаат за цел зголемување на вниманието, намалување на ризиците и заштита на човечки животи. Од таму апелираат до сите учесници во сообраќајот строго да ги почитуваат правилата и прописите.
Граѓаните генерално позитивно ја оценуваат мерката, иако дел од нив укажуваат на недоречености. Сè уште не е целосно разјаснето, на пример, дали ќе следи казна ако пешак или возач има само една слушалка во увото наместо две.