Возење под дејство на алкохол со концентрација над 1,50 г/кг, значително надминување на дозволената брзина, како и возење под дејство на дроги или психотропни супстанции, според новите измени на Кривичниот законик, од оваа година се сметаат за кривично дело „Безобѕирно управување со моторно возило“.
Членот 297-а воведува кривична одговорност дури и ако нема директна штета или сообраќајна несреќа, а предвидува затворска казна до три години или парична казна. Во првата половина од 2025 година, МВР регистрира 157 кривични пријави за ова дело, што е речиси четирикратно зголемување во споредба со претходната година.
Министерството за правда подготвува и нови, построги измени на законот, кои предвидуваат и одземање на возила, забрани за управување и санкции за недозволени трки, како дел од Проектот Safe City, со цел зголемена безбедност и зајакнување на казнената политика на патиштата.
Јавното обвинителство истакнува дека за целосна примена на законот се потребни дополнителни усогласувања и континуирана едукација на возачите, а полицијата и обвинителствата се активни во спроведување на новите одредби.