
СВР Куманово поднесе кривична пријава против две жени од Куманово и пет банкарски службеници, осомничени за дејствија со кои повеќе граѓани биле оштетени за вкупно 12.221.500 денари.
А.С.Д. (23) и М.В. (35) се пријавени поради сомнение за „измама“ и „злоупотреба на лични податоци“. Против банкарските службеници М.П. (34), С.М. (27), Н.Н. (34), Д.М. (48) и С.О. (36) е поднесена пријава поради сомнение за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Според МВР, од јануари до јули 2026 година, првопријавената во 18 наврати користела лични податоци на повеќе лица за во нивно име и без нивна согласност да аплицира за брзи потрошувачки кредити.
По одобрувањето и исплатата на кредитите, парите, според сомненијата, противправно ги присвојувале двете жени.
Петтемина банкарски службеници, вработени во филијала на една банка, се осомничени дека ја овозможиле реализацијата на измамата и располагањето со средствата. На тој начин, според пријавата, двете кумановки се стекнале со противправна имотна корист од над 12,2 милиони денари.























