Вкупно 18 лица се здобија со повреди во вчерашниот пожар во фабриката за кондиторски производи „Макпрогрес“ во Виница и беа примени во Општата болница во Кочани, изјави раководителката на анестезиологија и реанимација, д-р Оливера Цимбаљевиќ.
Петмина од повредените се задржани на хирургија – четворица со изгореници на нозете од прв и втор степен и еден со инхалациски (токсиколошки) повреди. Пет други лица се згрижени на интерното одделение со инхалациски повреди, а шестмина веднаш се препратени на клиника во Скопје поради труење со чад. Преостанатите повредени биле испуштени по укажаната лекарска помош.
Пожарот избувна вчера во 18:40 часот во магацините и производствените погони 6, 7 и 8 на фабриката, а во гасењето учествуваа противпожарните екипи од Виница и од повеќе соседни општини.
Причината за пожарот сè уште не е утврдена, а сите повредени се во стабилна состојба.