
Седум лица се уапсени, извршени се претреси на 17 локации и запленети се повеќе од 100 сервери во меѓународна операција против мрежа осомничена за интернет-инвестициски измами. Во акцијата учествувале и македонското обвинителство и полицијата, а според досегашните сознанија што ги соопшти Обвинителството, штетата надминува четири милиони евра.
Потенцијални жртви се идентификувани во најмалку 50 држави. Операцијата била спроведена со координација и поддршка од Европол и Европравда, со учество на надлежните органи од Германија, Кипар, Финска, Албанија, Израел, Косово и Македонија.
Од македонска страна постапувале Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал при Бирото за јавна безбедност.
Ги убедувале да вложуваат, а потоа го блокирале повлекувањето
Според Европравда, жртвите биле привлекувани преку платформи што изгледале како легитимни сервиси за тргување со криптовалути, странски валути и акции. Им била ветувана голема заработка за краток период.
По првата, помала уплата, платформите прикажувале вештачки зголемена добивка. Потоа лица што се претставувале како брокери вршеле психолошки притисок врз корисниците да вложат значително поголеми суми.
Проблемите почнувале кога жртвите ќе побарале да ги повлечат средствата. Следувале изговори и одолжувања, а на крајот лицата зад платформите исчезнувале со вложените пари.
Компанија обезбедувала платформи за криминални групи
Истрагата открила компанија со седиште во Кипар и Израел, осомничена дека им обезбедувала измамнички веб-страници на различни криминални групи. Европравда го опишува моделот како „криминал како услуга“.
Истражителите идентификувале и осомничени клиенти на компанијата во Албанија, Косово и Македонија, за кои постои сомнение дека управувале со кол-центри користени за измами.
Во објавените информации не е наведено колку лица се опфатени со истрагата во Македонија, ниту дали некое од седумте апсења било извршено во земјава. Според Европравда, апсењата биле спроведени заради предавање или екстрадиција на осомничените во Германија.
Пријава од брачен пар ја поттикнала истрагата
Истрагата била поттикната од пријава на германски брачен пар во 2022 година. Тие вложиле заштеди преку интернет-платформа, но не можеле да ја повлечат прикажаната добивка.
Доказите собрани во претходни операции довеле до откривање дополнителни осомничени, меѓу кои и раководители на кол-центри, како и на компанијата што ги обезбедувала платформите.
Во најновата акција бил претресен и кол-центар во Косово. Покрај серверите, биле запленети други електронски докази и средства поврзани со истрагата. Европравда ги координирала правосудните активности од Хаг, додека Европол обезбедувал аналитичка, оперативна и дигитална форензичка поддршка.























