УТРО.мк

Оценки за пари? Претреси поради сомнежи за манипулации на штипскиот универзитет

Оценки за пари? Претреси поради сомнежи за манипулации на штипскиот универзитет
Vero

Полициски претреси се спроведуваат на повеќе локации во Штип и Скопје во рамки на истрага за можни манипулации со оценки, испитни бодови и студентски досиеја на Универзитетот „Гоце Делчев“, објави „Скопје1“, повикувајќи се на неофицијални извори од истрагата.

Според порталот, во фокусот е вработен кој раководел со ИТ-секторот на Универзитетот. Постојат сомнежи дека подолг период неовластено интервенирал во електронската студентска евиденција.

Неофицијалните информации укажуваат на наводно менување испитни бодови, бришење оценки и овозможување запишување семестри на студенти што не ги исполнувале условите. Се проверуваат и сомнежи дека за ваквите интервенции бил наплаќан паричен надомест.

„Скопје1“ наведува дека при претрес во домот на осомничениот била пронајдена поголема сума готовина. Засега не се потврдени ниту точниот износ ниту евентуалната поврзаност на парите со предметот на истрагата.

Според објавата, во акцијата учествуваат службеници од СВР Штип, во координација со Одделот за криминалистичка полиција, СВР Скопје и службите за компјутерски криминал.

Претресите се во тек. Во моментот на објавувањето на информацијата нема официјална потврда од МВР за опфатените лица, можни приведувања или кривичните дела за кои се постапува.

Извор: Скопје1

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Horoskop Lotarija
Филигран