
СВР Скопје поднело кривична пријава против 33-годишниот Б.С. од Скопје, откако при претрес во просториите што ги користел биле пронајдени оружје, муниција и марихуана.
Според полицискиот билтен, претресот бил извршен на 1 октомври годинава, во неговиот дом и во други простории што ги користел.
Полицијата пронашла и одзела 253 куршуми со различен калибар, рачна бомба „М75“, пиштол „Црвена застава“ со калибар 7,65 милиметри со рамка, пиштол „Берета“ со рамка и марихуана.
Пријавата е поднесена поради сомнение за кривичните дела „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“ и „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“.























